Done

 

ИНТЕРВЈУ СО ДОЦ. Д-Р ДОНЕ СТОЈАНОВ, ФАКУЛТЕТ ЗА ИНФОРМАТИКА, УГД

1. Во кои образовни институции го комплетиравте Вашето образование?
Додипломски студии по компјутерска техника, информатика и автоматика завршив на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот св. ,,Кирил и Методиј” во Скопје. На истиот факултет во 2008 година се запишав на втор циклус на студии. Магистрирав во 2010 година, под менторство на академик проф. Љупчо Коцарев. Магистерскиот труд ги анализира пристапите за просторно моделирање на скелетот на протеините со примена на концепти од аналитичка геометрија. Во 2012 година се запишав на школата за докторски студии на Универзитетот ,,Гоце Делчев” на насоката компјутерска техника и информатика. Докторирав во Декември 2015 година на тема: ,,Алгоритми за порамнување и пребарување на ДНК секвенци”.  

2. Како се заинтересиравте за [областа во која интервјуираниот/та докторирал/а]?
Со биоинформатиката како наука за компјутерска анализа на геномски податоци се запознав на додипломски студии. Интересот за оваа научна област продоложи и во текот на магистерските студии. Од 2011 година, кога се вработив како асистент на Факултетот за информатика , па се до денес интензивно работам во оваа област. Резултатите од мојата работа се објавени во научни списанија со фактор на влијание, индексирани во референтни бази на податоци како: SCOPUS, IEEE и PUBMed. 

3. Кажете ни за процесот на подготвување докторска дисертација.
Според мене, секоја докторска  дистертација треба да се базира на признаени резултати од областа на истражувањето. Уште пред да докторирам веќе имав публикувано научни статии во индексирани странски списанија и списанија со фактор на влијание. Овој пример сметам дека треба да го следат сите тековни и идни докторанти, без разлика на областа во која работат.   

4. Кажете ни за проектите во чија реализација сте биле вклучени и за Вашите издадени дела.
Во повеќето од моите трудови се разгледуваат нови пристапи за поефикасна и поточна анализа на геномски податоци и функционална анотација на неанотирани фрагменти. За да се случи тоа, неопходно е истражувачот да има познавање од: програмирање, математика и геномика.
Во еден од трудовите предложена е нова формула за ефикасно хеширање на ДНК фрагменти. Во истиот труд се применуваат и концепти од модуларна аритметика, со што можат да се детектирааат клучни фрагменти во хромозомските завршетоци. Друг труд го оптимизира локалното порамнување на поли-глутамински повторувачки фрагменти, што е од особена важност при детекција на некои генетски болести.
Секако дека моето истражување беше поддржано преку научно-истражувачки проект на Универзитетот ,,Гоце Делчев”. Поддршката која ја нуди Универзитетот на овој начин претставува солидна платформа за развој и стимулација на научната мисла во државата и секако поддршка за развој и унапредување на многу млади тековни и идни докторанти.     

5. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Темите од областите програмирање и биоинформатика некако најмногу сакам да ги предавам, бидејќи таму се имам најмногу посветено уште од студентски денови. Програмирањето е интересно затоа што нема шаблон за решавање, туку секој проблем си е приказна за себе. Темите од биоинформатиката се исто така интересни за предавање, затоа што тоа е дисциплина која поврзува за многумина меѓусебно исклучиви научни подрачја, како што се информатиката и биологијата, но не и за мене.

Доц. д-р Доне Стојанов, Факултет за информатика, УГД


Следете нè на

     



Местоположба

Контакт