ИНТЕРВЈУ СО М-Р МИТКО ВЛАХОВ, Раководител на одделението за Локален економски развој во општина Богданци
1. Во кои образовни институции го комплетиравте Вашето образование?
Додипломските студии ги завршив на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, насока Економска политика и развој. Во мојот работен ангажман еден поголем дел се однесува на изнаоѓање на финансиски средства од различни донатори за реализација на различни проектни активности. Изворите на тие средства во најголем дел беа и се од земји и организации кои се наоѓаат на територијата на ЕУ. За да можам поуспешно да дојдам до тие средства имав потреба од дополнителни знаења за критериумите по кои истите се одобруваат, за што како основа треба да се познава функционирањето на Европската Унија во целина. По направена детална анализа од аспект на исполнување на сите мои потреби, најдобри можности и персепктиви ми овозможуваше студиската програма од втор циклус на студии - Економија на европската унија на Економскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, каде и ги завршив моите постдипломските студии.
2. Која беше темата на Вашата магистерска теза и од каде дојде поттикот да се усовршувате и истражувате во таа област?
Темата на мојата магистерска теза беше „Подобрување на квалитетот на живот во руралните средини во Република Македонија преку LEADER пристапот “. Интересот за мое усовршување и истражување во овој правец го добив за време на моите студиски престоји во повеќе европски држави, каде забележав значителен број на реализирани проектни активности чиј заеднички атрибут беше дека се финансирани преку LEADER пристапот (Тоа е кратенка составена од првите букви на терминот на француски јазик „Liaison entre Actions de Developpement de l’Economie Rurale“ што во превод значи „Врски помеѓу активностите за развој на руралната економија“). Уште од првиот момент ме плени идејата за создавање на партнерство од локалните заинтересирани страни припадници на јавниот, приватниот и граѓанскиот (невладиниот) сектор, познато како “Локална акциона група” (ЛАГ). Зошто е многу важно да се формира ЛАГ од потенцираните три сектори? Бидејќи само така е возможно акумулирање и комбинирање и на човечки и на финансиски ресурси потребни за стимулирање и постигнување на одржлив развој. Основна задача на оваа група е идентификување и спроведување на стратегијата за локален развој, при што најважен дел е донесувањето на одлуки за распределбата на финансиските ресурси и управување со нив. При тоа се користи пристапот оддолу-нагоре („Bottom-up“), што значи дека локалните субјекти учествуваат во донесувањето одлуки за стратегијата и во изборот на приоритети кои ќе се решаваат во нивната локална област. Можноста за примена на LEADER пристапот во различни средини и ситуации, прилагодувајќи се на условите кои постојат во конкретното рурално подрачје, го прават овој пристап функционална алатка во надминување на секојдневните проблеми на руралните заедници.
3. Кажете ни за процесот на подготвување на Вашата магистерската теза?
Во мојот случај, покрај следењето на сите академски упатства за изработка на магистерскиот труд, подготовката и развојот на магистерската теза преставуваше процес каде применив одредена автономија и оргиналност бидејќи имав практично искуство од реализацијата на еден проект. Се работеше за проект во рамките на кој го симулиравме LEADER процесот, исполнувајќи најголем дел од неговите клучни карактеристики, почнувајќи од формирање на ЛГРР - Локална група за рурален развој, (која се разликува од вистинскиот LEADER процес, каде називот на оваа тело е “Локалната акциона група” -ЛАГ, м.з.), преку изработка на Стратегија за рурален развој и избор и реализација на еден приоритетен проект од истата. На ова треба да се додадат и моите знаења стекнати од студиските посети во странство, каде се здобив со многу информации и практични искуства од примената на LEADER процесот. Несомнено ова искуство многу ми помогна во изработката на трудот, сепак не треба да се потцени, туку напротив мора да се посвети посебно внимание (и) на истражувањето на другите искуства и извори на информации, нивна анализа и толкување, па и примена. Во сите фази на припрема и изработка на завршниот труд, менторот има посебно значајна улога, и јас и во оваа прилика сакам да изразам посебна благодарност на мојот ментор проф. д-р Милан Илиески.
4. Каде сте вработен и кои се Вашите работни обврски?
Вработен сум во општина Богданци на позиција Раководител на одделението за Локален економски развој. Накратко мојата работа се однесува на извршување на:
- работни цели - управување со секојдневното работење на одделението преку развивање координирање и спроведување на локални политики и програми за работа и поддржување на работата на Градоначалникот на општината, и
- работни задачи и обврски - организација, насочување, координација и учество во работата, како и непосредна контрола и надзор над извршувањето на работите и задачите од делокругот на одделението;бредовна комуникација и соработка со другите одделенија; предлагање и развивање политики и стратешки документи и др.
Сметам дека најзначаен дел е водењето на процесот на изработка на стратешките документи, во кои, врз основа на спроведена Социо-економска и СВОТ анализа на општината се дефинира идната насока за развој на општината преку утврдување на Визијата, дефинирање на стратегиските цели и формулирање на потребните мерки и развојни проекти за реализација на стратегиските цели. Приоритетните проекти стануваат дел од годишните програми за работа на одделението за ЛЕР. Во практика тоа значи дека за имплементација на тие предложени и усвоени проекти (бидејќи како мала општина немаме доволни, пред се, финансиски капацитети) работиме на изнаоѓање на други извори на средства за нивна реализација.
5. Кои се некои од поважните проекти на кои сте работеле досега?
Сум учествувал безмалку во сите проекти реализирани на територијата на општина Богданци, каде финансиските средства се од други извори, надвор од Буџетот на општината. Мојата улога во прва фаза е редовно пратење на повиците за доделување на финансиски средства од домашни и странски донатори, организација на процесот на изготвување на апликативното барање до потенцијалниот донатор и координација во подготовката на другата потребна документација, и потоа, доколку се одобрат средства, грижа и координација на имплементацијата на проектот. Не ретко водиме и интерен мониторин и евалуација на реализираните проекти.
Тешко ми е да се одлучам кој е (нај)важен проект во кој сум учествувал, но сепак најмил ми е иницирањето и раководењето со процесот на сертифицирање на (малата) општина Богданци, каде се стекнавме со регионалниот сертификат за бизнис деловно опкружување (Business Friendly Certification in South East Europe - BFC SEE). За илустрација, општини и градови носители на овој сертификат од РСМ се Штип, Гази Баба, Град Скопје, Велес, Струмица, Прилеп, Битола и Илинден, а од другите земји на Југоисточна Европа – Бјеловар, Бања Лука, Нови Град Сараево, Зеница, Центар Сараево, Цетиње, Тиват, Сомбор, Лесковац, Нови Сад, Шабац, Панчево и други.
Покрај обезбедување на средства за изработка на техничка документација за ангажирање на лица со ниски квалификации и долгорочна невработеност, одделението за ЛЕР се фокусира на реализација на приоритетни проекти од инфраструктурен карактер кои придонесуваат за подобрување на условите и квалитетот за живот на локалното население од кои ќе споменам дел: Реконструкција на локален пат Стојаково –Селемли; Реконструкција на улици во населено место Селемли; Реконструкцијата на пешачка и велосипедска патека Богданци-Честе Јавори–Паљурци фаза 1; Рехабилитација на локален пат Делница Р1109-Стојаково; Изградба на Канализација и прочистителна станица во с.Селемли; Изградба на повеќенаменско игралиште во ОУ Петар Мусев; Регулација на атмосферски води во с. Стојаково; Изградба на водовод и канализација со пропратни објекти во с. Ѓавото; Реконструкција на локалниот пат Богданци – Ѓавото; Изградба на амфитеатар на локалитет Паљурци и др.
6. Дали знаењата и вештините што ги стекнавте во текот на магистерските студии ги применувате во Вашата работа?
ДА, без двоумење, моето искуство е позитивно во врска со ова прашање. Без разлика со каква работа ќе се занимавате по завршувањето, за време на студиите мора да ја исполните основната цел (на студиите од втор циклус)-да го продолжите образованието стекнато во првиот циклус за да се стекнете со продлабочени општи знаења од пошироката научна област која е предмет на студиите и конкретни специјалистички знаења од потесното подрачје на Вашиот (личен) интерес за работа. На овој начин се стекнуваат научно–стручни и стручно апликативни знаења и вештини неопходни за пренос и примена на теоретските знаења во пракса за решавање на сложени секојдневни технички и работни проблеми. Тоа во пракса значи дека сте оспособени и сте се здобиле со вештини за:
- интегрирана примена на знаењето,
- формулирање на судови и носење на одлуки врз основа на расположивите или достапните информации,
- тимска работа,
- покренување на иницијативи,
- способност за примена на своето знаење во решавање на проблеми во нови и непознати средини/услови,
- квалификации кои се компатибилни со квалификациската рамка на европското подрачје и стандарди.