ИНТЕРВЈУ СО ДОЦ. Д-Р ЕМИЛИЈА АРСОВ, ЗЕМЈОДЕЛСКИ ФАКУЛТЕТ ПРИ УГД
1. Во кои образовни институции го комплетиравте Вашето образование?
Додипломски и магистерските студии ги завршив на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Природно - математичкиот факултет, во време пред основање на нашиот Универзитет. Во периодот од 1999-2004 бев првиот дипломиран студент од генерацијата на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје, и веднаш истата година запишав магистратура на иститот Институт, на студиска програма молекуларна биологија, во периодот 2004-2007. Магистерскиот труд ми беше тесно поврзан со областа на заштитата на растенијата, во која насока продолжи и моето докторско истражување, но сега во рамките на докторските студии на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Докторската дисертација беше на тема: Флоемски ограничени патогени кај виновата лоза во Република Македонија, под менторство на Проф. д-р Саша Митрев. Особено ми е чест и огромно задоволство што имав можност да се обучувам во областа на заштитата на растенијата од најдобриот професор и ментор, со кој денес продолжуваме заедно да ги разјаснуваме проблемите во земјоделието и да поставуваме нови идеи и можности за соработка.
2. Како се заинтересиравте за земјоделските науки, поточно за заштита на растенијата?
После моето магистрирање, ја имав таа среќа и понудена можност да волонтирам во тогаш постоечкиот Институт за Јужни земјоделски култури од Струмица, со Одделение за заштита на растенијата во Штип. Од тогаш почна се повеќе да се продлабочува мојата желба и љубов кон науката и истражувањето. Зад секој успех стои многу труд, но и голема мотивираност и инспирација да се истражува и да се чекори по патот кон непознатото. Таков беше и мојот пат на кој со менторот поставивме тема која беше како да нурнете во океанот а не знаете дали и кога ќе излезете од него.
Добрата земјоделска пракса е една динамичен процес кој зависи од многу фактори, како од условите на средината, растителниот материјал и самата заштита на терен. Сите овие фактори постојано беа следени, и се следат до ден денес, каде интензивно се работи во делот на контрола и заштита на растенијата, затоа што сепак за добар и квалитетен живот мора да знаеме што јадеме и каков квалитет на храна внесуваме.
Резултатите од истражувањата на Катедрата за заштита на растенијата и животната средина од која сум дел од самото основање на Универзитетот, секоја година го збогатуваат репозиториумот на УГД со трудови објавени во научни списанија со фактор на влијание.
3. Кажете ни за процесот на подготвување докторска дисертација.
Мојата докторската дисертација беше продолжено и проширено истражување на мојата магистерска тема. Фитоплазмите и вирусите се најспецифично и тешко поле за дијагностицирање во фитопатологијата (растителна патологија). Како докторанд на нашиот Универзитет имав можност да заминам на три месечен студиски престој на Универзитетот во Милано, каде работев на моите примероци и го усовршував своето знаење во областа на вирологијата и молекуларната биологија.
Секое научно истражување треба да резултира со заклучоци кои треба да имаат практично и применливо значење. Особено сум горда што во текот на моето повеќегодишно образование, учев од најдобрите, имав многу студиски престои на страна и успеав гордо да испливам од океанот кој веќе беше разоткриен.
Честа и задоволството беа уште поголеми затоа што бев првиот доктор на науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, промовирана од страна на мојот професор, ментор и прв ректор на Универзитетот, Проф. д-р Саша Митрев.
Успехот на секое истражување е да не се застане со добиените резултати туку да се продлабочува и надградува понатаму. Темите од областа на мојата магистерска тема и докторска дисертација, имаат можност за понатамошна анализа и надградување, па до сега имавме неколку магистранти кои работеа продолжено истражување на веќе поставената основа.
4. Кажете ни за проектите во чија реализација сте биле вклучени и за Вашите издадени дела.
Молекуларната биологија имплементирана во процесот на заштита на растенијата, е многу скапа алатка, која во мојот случај немаше да биде реализирана без поддршка на УНИЛАБ лабораторијата од која сум дел од самото основање на Универзитетот, како и бројните проектни активности на ниво на УГД и неколку билатерални проекти, преку кој се овозможи до опремување на потребната опрема за молекуларни тестирања и потврда на растителните патогени.
Денес УНИЛАБ лабораторијата е дел од научно истражувачкиот центар при УГД, и располага со комплетна опрема за мултидисиплинарни анализи (контрола на семе и саден материјал, геохемија и анализа на вода, анализа на храна –масло и вино, анализа на почва и ѓубрива), како и најсовремена опрема за молекуларна дијагностика во делот на идентификацијата на патогените микроорганизми и заштитата на растенијата.
Исто така, на ниво на нашата Катедра за заштита на растенијата и животната средина и УНИЛАБ лабораторијата, во рамките на ЕРАЗМУС + проектната програма беше изработена корисна е-алатка – платформа http://obp.ugd.edu.mk/ со редоследно поставување на примена на пестициди по култури и ѓубрива, која web платформа редовно се ажурира за потребите на производителите.
5. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Мојата потесна специјалност во којашто сум стручна е полето на фитопатологијата и заштитата на растенијата од патогените причинители на болести. Она што ми беше предизвик во работата беше проучување на непознатото и она што не може да се види со голо око, но со современи научни и практични примери нивното проучување и појаснување за студентите станува полесно.
Фитопатологијата како научна дисциплина располага со лесно достапен материјал на македонски јазик и со многу практична лабораториска работа за полесно совладување на тежината на материјалот.
Нашите студенти се нашата сегашност и иднина! Добар научен работник треба да биде и добар педагог и посветен професор на своите студенти, и преку современ методолошки пристап да ја поттикне желбата кај секој млад студент да ја истражува природата и да ја развива љубовта кон лабораториската работа.
Земјоделскиот факултет и сите колеги вклучени во наставниот процес имаат мултидисциплинарно знаење и се надополнуваат во своите области на истражување. Тимската работа и комплетната покриеност на сите полиња во областа на земјоделието се голема предност и олеснителна околност за целосно пренесување на знаењето на сегашните и нашите идни студенти.
Секоја приказна е посебна и уникатна, но прераскажувањето на истите е поттик за секој млад човек да ја пишува и надградува својата животна приказна на основа на искусните. Затоа ние сме една одлична високо образовна институција која е спремна на своите студенти да им помогне во креирање и пишување на убави и успешни моменти на нивниот пат во оформување како академска личност.
Доц. д-р Емилија Арсов, доцент и продекан за настава на Земјоделски факултет, УГД