Теренска лабораторија за животна и работна средина и електронска микроскопија

Во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип речиси шест години функционира Теренска лабораторија за животна и работна средина и електронска микроскопија. Станува збор за една од реномираните лаборатории кои се акредитирани по европски стандарди (ISO 17025:2006) од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.

Во рамки на лабораторијата се следниве оддели: Оддел за електронска микроскопија, Оддел за контрола на амбиентални параметри во животна и работна средина и Оддел за минерална технологија. Во лабораторијата за електронска микроскопија, која се наоѓа во Научноистражувачкиот центар при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип може да се проучува морфологијата и хемискиот состав на различни материјали (висок и низок вакуум). Покрај примената на различни геолошки дисциплини (минерологија, петрологија, кристолографија, палеонтологија), SEM методата е погодна и за испитување и во областа на рударство, технологија, електроника, индустриски стакла, керамика и порцелан, за заштита на спомениците, металургија, машинство, градежништво, стоматологија, фармација, медицина, биологија и сл. За примероци од органско потекло, примероци направени од пластика или непроводливи материјали се користи апарат за напарување со злато или јаглерод за добивање поквалитетни анализи.

Лабораторијата располага со следниве инструменти:

  • SEM Модел: VEGA3 LMU Електронскиот микроскоп за оптичко скенирање постигнува резолуција до 2 nm односно 3 nm. Може да работи во услови на низок и висок вакуум, а како извор на електрони користи Волфрамова жица (катода). Покрај детекторите за секундарни електрони (SE) и повратните електрони (BSE), со кои се опремени скоро сите електронкси микроскопи, овој микроскоп е опремен и со современ енергетско-дисперзивен спектрометар (EDS). Електронскиот микроскоп располага со голема комора за анализа на примероци (внатрешниот пречник на комората изнесува 230 mm) и со моторизирана подлога за примероци која се дрижи по пет оски: напред - назад, горе - долу, лево - десно, ротирање (R) и накосување на некоја страна (T - tilt). Комбинирањето на ротирање (R) и накосување (T-tilt) на примерокот може да ни овозможи посматрање и анализирање на примерокот од различни позиции. Постои можност да одберете детектор за вршење анализи или истовремено искористување на двата детектори (SE) и (BSE). Високиот вакуум се постигнува само за неколку минути со моќна турбомолекуларна и ротациона вакуум пумпа. Овозможено е 3Д скенирање.
  • X-act:10mm2 (Silicon Drift Detector) EDS е поврзан со INCA 250 EDS софтвер. Може да детектира елементи од Be до Pu, максимална резолуција 125eV (мерена согласно ISO 15632:2002). При користење на EDS детекторот може да биде направена хемиска анализа, при што ќе одберете една точка за анализирање, четириаголна или со неправилен облик, исто така постои можност и за профилна анализа. Дополнително е овозможено и мапирање (X-ray mapping). Апцисата на спектарот ја претставува енергијата на рендгенското зрачење, изразени во килоелектрон волти (KeV), а положбата на пиковите ја претставува утврдено присуство на хемиските елементи, односно се добива квалитативна хемиска анализа. Ординатата на спектарот го прикажува интензитетот на пикот изразен во импулси (counts), што зависи од концентрацијата на елементот, односно се добива квантитативна хемиска анализа.
  • Покрај овие инструменти, лабораторијата располага и со дополнителна опрема за подготовка на материјалите кои вклучуваат оптички микроскоп, машина за сечење на примероци, машина за полирање на примероци, како и соодветен прибор за подготовка и монтирање на примероците: алуминиумски носачи на примероците, двострано лепливи јаглеродни траки, пинцети.

Од 2013 година до денес Лабораторијата соработувала со неколку фирми во Северна Македонија, меѓу кои: „Микросам“ Прилеп, „Вистеон електроникс“ Скопје, „Вип“, „Ремедика“ Скопје, „Костал“ Охрид и др.

Во Лабораторијата се спроведени анализи за научно истражување на вработените при: Стоматолошки факултет Скопје, Фармацефски факултет Скопје, Технолошкометалуршки факултет Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии Скопје, Природно математички факултет Скопје, Државен тетовски факултет Тетово, а, се разбира, и на вработените на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Анализи за докторски дисертации се направени за следните лица:

  1. Наташа Лонгурова - Проценка на ризик-фактори и степен на дентални ерозии, проследени со евалуација на протективниот ефект на препарати со флуориди врз емајл и дентин од хемиски и хистопатолошки аспект (invitro), Стоматолошки факултет Штип
  2. Афродита Зенделска - Можности за примена на природни суровини при прочистување на руднички води загадени со тешки метали, Факултет за природни и технички науки Штип
  3. Силвана Жежова – Примена на текстил во различни форми и современи технологии за добивање на полимерни композитни структури, Технолошко технички факултет Штип
  4. Ивана Цветковиќ – докторант при Фармацески факултет Скопје
  5. Јана Бајевска – докторант при Стоматолошки факултет Скопје
  6. Мишела Темков – докторант при Технолошко металуршки факултет Скопје
  7. Силвана Ѓошева – докторант при Фармацески факултет Скопје
  8. Фуалт Бесими докторант при Стоматолошки факултет Скопје
  9. Дафина Шекутковска – докторант при Факултет за електротехника и информациски технологии Скопје
  10. Емилија Костадиновска – докторант при Стоматолошки факултет Скопје
  11. Билјана Карамаческа – магистерска дисертација
  12. Блерта Ахмеди – магистерска дисертација
  13. Еразмус плус студенти, магистерска дисертација

Визијата за работата на оваа Лабораторија е да таа да прерасне во реномирана лабораторија за електронска микроскопија во Република Северна Македонија. Лабораторијата е отворена за соработка со сите заинтересирани корисници: универзитетски и други научно-образовни институции, медицински установи, правни и физички лица.

За повеќе информации за оваа Лабораторија, можете да ги посетете веб страниците: http://www.ugd.edu.mk/semlab/ и http://www.ugd.edu.mk/tzrsem/

Следете нè на

     



Местоположба

Контакт